Состојба на социјалното претприемништво во Македонија: Давид Алексовски

Давид Алексовски, кој работи како координатор за финансии во Центарот за интеркултурен дијалог, во моментов е вклучен во имплементацијата на проект "SHIFT: кон онлајн и офлајн претприемничка заедница", имплементиран од страна на CID и поддржан од IPA Instrument for Pre-Accession. Давид учествуваше во неколку студиски посети во Македонија и во Бугарија и со задоволство ги споделува своите размислувања за состојбата на социјалното претприемништво во Македонија.

 


”Во рамките на ИПА проектот за промоција на социјалното претприемништво беше извршена студиска анализа за формите и застапеноста на социјалното претприемништво во Македонија. Заклучокот е дека социјалното претприемништво како концепт е слабо застапено во Р.Македонија. Всушност во Р.Македонија сеуште не постои правна рамка за социјално претпријатие и аналогно во пракса не постојат социјални претпријатија во вистинска смисла на зборот. Добра вест е тоа што пред неколку месеци е објавен предлог закон за социјално претприемништво од страна Министерството за труд и социјална политика, кој е отворен за дебата и предлози од јавноста.

 


Усвојувањето на квалитетен закон и успешната примена на концептот за социјално претприемништво со сигурност ќе донесе многу социјално-економски придобивки: намалување на невработеноста, локален економски раст и развој, заштита на животната средина и намалување на загаденоста).
Како што кажува самото име овој вид на бизнис е свртен кон определена социјална, општествено корисна цел- вработување, грижа и поддршка на социјално загрозени лица, лица со посебни потреби, лица со помалку можности, долгорочно невработени лица и слично. Секое социјално претпријатие според својот статут и дефинирана цел на дејствување е обврзано целиот или поголем дел од профитот да го реинвестира директно во социјалниот бизнис за негово унапредување или во определена социјална цел- градење на центри за деца без родители, стари лица, интеграција на маргинализирани групи во општеството итн.

 


Иако нагласив дека класично социјално претприемништво во Македонија сеуште не постои, има неколку успешни примери кои de facto функционираат како социјално претпријатие и успешно остваруваат социјални и хумани цели. Со задоволство би сакал да ја истакнам Тераписката заедница “Покров” од Струмица, како заеднички проект на струмичката Епархија и граѓанското здружение “Избор”кои ја имаат креирано првата долгорочна рехабилитациона програма во РМ заснована на природни методи за одвикнување од алкохол, дрога и хазард. Како дел од програмата е развиено земјоделско производство (од кое значаен процент и органско производство) кое организацијата го пласира на пазарот и остварува приходи кои се реинвестираат во програмата и центарот со цел нивно унапредување. Ова значително придонесува за долгорочен опстанок и финансиска оддржливост.
Концептот на социјално претприемништво е еден од клучните столбови во стратегијата за економски раст и развој на ЕУ до 2020 година, а со сигурност ќе продолжи да се имплементира и понатаму, затоа што општествените придобивки се огромни. Комисијата на ЕУ за социјални бизнис иницијативи во 2012 година ја промовираше паролата “Нема економски раст и креирање на работни места без социјално претприемништво.

 


Тековно активна е Програмата ИПА- Интерег за прекугранична соработка на Р.Македонија и Р.Бугарија, која нуди можности за промоција и стимулации за формирање на социјални претпријатија во пограничната зона. На една проектна студиската посета во градот Ќустендил имав можност директно да се запознаам со работата на неколку успешни социјални претпријатија (народна кујни, народна перални) и може да се заклучи дека овој концепт прилично успешно се применува во соседна Бугарија. Постојат неколку програми за финансирање и помош на вакви претпријатија кои што ги нудат механизмите на ЕУ и во соработка со граѓанските здруженија кои веќе работат во ова поле, многу граѓани може креираат свој профитабилен бизнис и самовработување, а притоа да бидат хумани и да дадат значаен придонес во општествениот живот.”